Енергетика

Струјата и парното под притисок за поскапување

21.10.2026 19:41

Зимата се заканува да донесе нов удар по џебот на граѓаните, глобалниот раст на цените да ги поскапи струјата и парното. Тоа го побараа и дел од енергетски компании, но и сите четири топловодни кои ги греат радијаторите на скопјани. Сепак, барањата не се прифаќаат по автоматизам – на потег е Регулаторна да ја направи пресметката.

Енергетските компании бараат зголемување на цената на струјата и парното поради зголемените трошоци како резултат на енергетската криза. Според МЕПСО, тарифата за пренос на струја треба да се зголеми за речиси 98 проценти. Доколку целосно биде одобрено, би можело да ги зголеми сметките за струја за четири до пет проценти. Сепак, досегашните искуствата покажуваат дека Регулаторна речиси никогаш не ги прифаќа барањата на компаниите во целост, а воедно, клучна ќе биде и цената по која ЕСМ ќе ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.

Експертите очекуваат од компаниите да побараат повисоки цени, но апелираат Владата да ги заштити домаќинствата од ценовен шок, и да преземе дел од трошоците.

Во меѓувреме, сите четири топловодни компании бараат поскапување на парното поради повисоката цена на природниот гас во октомври за околу 60 проценти во споредба со цената врз основа на која беше донесена последната одлука. Професорот Чаушевски вели дека до 10 насто би било разумно зголемувањето, иако потенцира не е пропорционално со поскапувањето на гасот.

Пресметката на ЕСМ за струјата се очекува кон крајот на ноември. Конечниот збор го има Регулаторната комисија за енергетика, која треба да одлучи колкав дел од барањата е оправдан. Владата е со став дека до Нова година струјата треба да остане со иста цена.

 

Александра Велинова