РСБСП со апел до возачите за претстојниот празничен викенд: Почитувајте ги сообраќајните правила
Поради очекуваната зголемена раздвиженост во сообраќајот за продолжениот викенд и празникот 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до возачите да ги почитуваат правилата и прописите и да придонесат за безбедно патување.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до сите учесници во сообраќајот на претстојниот продолжен празничен викенд да бидат внимателни и доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Поради празникот 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, се очекува зголемена раздвиженост во сообраќајот, особено на патните правци надвор од населените места.
Од РСБСП потсетуваат дека возачите треба да ги почитуваат ограничувањата на брзината, да не управуваат со возило под дејство на алкохол и психотропни супстанци и да не користат мобилен телефон додека возат.
Се препорачува задолжително користење сигурносен појас, правилно обезбедување на децата во соодветни детски седишта, одржување безбедно растојание и избегнување ризични маневри.
Пред тргнување на пат, возачите треба да ја проверат техничката исправност на возилото, а доколку почувствуваат замор, да направат пауза и да се одморат.
Од Советот посакуваат празничните денови да поминат со безбедни патувања и среќно враќање дома.
