Бран протести ја тресе Европа
Европа се тресе од протести, незадоволството расте. Франција се подготвува за можни нови нереди на собирите в сабота, Макрон предупреди дека ќе бидат преземени сите мерки за да се спречи повторување на инцидентите. Во соседна Албанија ескалираа тензиите – пред Парламентот демонстрации, внатре тепачка меѓу пратеници.

Десетти ден масовни протести во Албанија. Демонстрации пред, тепачка внатре во Парламентот. Физички инцидент меѓу пратеници од опозициската Демократска партија, и шефот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија. Партиите се пресметаа поради повредените демонстранти за време на насилните протести.
„Итна оставка на владата на Еди Рама и формирање техничка влада, чиј единствен мандат би бил подготовка и спроведување на предвремени, слободни и демократски парламентарни избори. Потоа, сегашниот состав на Парламентот мора да биде распуштен“, изјави Белинд Келичи – пратеник од опозициската Демократска партија.
„Никаква изјава не може да го оправда насилството“, изјави Таулант Бала – шеф на пратеничката група на Социјалистичката партија.
Трошоците за живот и натаму ја тресат Европа. Француската полиција забрани демонстрации во одредени делови од Париз по најавата викендов за нови протести. Забраната се однесува за собири пред Елисејската палата, на плоштадот „Бастилја“, пред двата дома на парламентот, како и во неколку туристички области. Движењето „Жолти елеци“ повика на нова мобилизација во сабота.
„Преземаме мерки со цел да се воспостави ред, ограничувања на движењето, забрани и планови за понатамошното дејствување. За претстојните денови, а особено за сабота, јасно е утврдено правилото дека секој обид за протестирање или собирање, како и секое барање поднесено од поединци кои немаат легитимитет за тоа, ќе бидат забранети“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.
По немирите викендов во Милано, во Италија потивко, на улиците е распоредена војската. Сепак, продавниците во Северна Италија остануваат без храна откако превозниците делови од југот објавија дека ќе продолжат со протестите.
„Ни прекипе од овие цени на дизелот. Енормно пораснаа – трошоците за живот се едноставно превисоки. Не можеме да издржиме“, рече анкетиран.
„На крајот на краиштата, сè се движи преку транспорт, а потребите на сите граѓани – не само нашите – зависат од тоа“, додаде друг.
Додека европските трговци се соочуваат со нарушено снабдување, Европската централна банка предупредува на нов инфлаторен притисок врз прехранбените производи.
Маријана Димовска
