Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба
Сиљановска-Давкова, по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, порача дека почитта кон историското минато треба да се потврдува преку негување на вредностите за кои се бореле претходните генерации.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, порача дека почитта кон историското минато треба да се потврдува преку негување на вредностите за кои се бореле претходните генерации.
Во честитката, таа истакна дека основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година претставува значаен момент во македонската историја, кога стремежот за слобода и самобитност бил преточен во организирана револуционерна борба за сопствена држава.
Сиљановска-Давкова нагласи дека чествувањето на предците не треба да биде само израз на гордост, туку и обврска за градење праведно и солидарно општество, во кое ќе се почитуваат човечкото достоинство, правото и моралот.
Според неа, ако во минатото револуционерниот дух се изразувал преку саможртва за националните идеали, денес тој треба да се потврдува со чесна работа, храброст, одговорност и решителност за спроведување на неопходните реформи.
Претседателката посочи дека државата и денес се соочува со предизвици, а обврска на сегашните генерации е да го продолжат стремежот на претходниците за просперитетна држава и да обезбедат сигурна иднина за идните поколенија.
На крајот од честитката, таа им го честиташе празникот на граѓаните, со порака 23 Октомври да биде вековен симбол на македонската револуционерна борба.
