Мицкоски: Верувам во европската иднина и во вредноста на Европа во која различните народи се почитуваат меѓусебно
На 23 Октомври, покрај гордоста, треба да почувствуваме и одговорност. Да застанеме пред нивниот спомен, да се поклониме и искрено да се запрашаме: што правиме ние со слободата за која тие се бореа, за која тие живееја и за која ги положуваа своите животи? Каква држава им оставаме на оние што доаѓаат по нас? – рече премиерот Мицкоски...

На овој ден човек чувствува потреба внимателно да ги избере зборовите, затоа што зборува за луѓе кои своите зборови ги потврдувале со непосредни дела, а најчесто и со сопствениот живот. За луѓе кои прифатиле да изгубат сè што имале, уверени дека нивните деца заслужуваат да добијат нешто поголемо, повозвишено и подобро, слободна татковина, рече премиерот Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
На 23 Октомври, покрај гордоста, треба да почувствуваме и одговорност. Да застанеме пред нивниот спомен, да се поклониме и искрено да се запрашаме: што правиме ние со слободата за која тие се бореа, за која тие живееја и за која ги положуваа своите животи? Каква држава им оставаме на оние што доаѓаат по нас? – рече премиерот Мицкоски.
Многу е важно како ја градиме државата и во кој правец се движи. И многу е важно да бидеме високо свесни за тоа какви последици имаме од минатото и какви планини сакаме да поместиме.
Верувам во европската иднина и во вредноста на Европа во која различните народи се почитуваат меѓусебно. Нашето место таму треба да го градиме со реформи, со знаење, со силни институции и со зачувано национално достоинство. Нашите граѓани заслужуваат перспектива во која ќе можат да веруваат и пат по кој ќе чекорат исправено, порача Мицкоски.
