Честитки по повод Денот на македонската револуционерна борба
По повод денешниот празник многубројни делегации им оддадоа почит на основачите на ВМРО. Положија свежи цвеќиња пред нивниот споменик во паркот „Жена-борец“.

Со основањето на македонската револуционерна организација во 1893 година, најсвесните македонски дејци ја преточиле вековната жед и желба за слобода во организирано дело, а стремежот кон самобитност во решителна битка на смрт за сопствена држава, пишува во честитката шефицата на државата. Според Сиљановска-Давкова во бурните историски времиња и тешки околности, водени од македонскиот непокор и од насушната потреба од пристоен човечки живот, тие го трасирале патот на македонската револуционерна борба.
„Повторно сме пред историски испит во ова време-невреме, да го продолжиме стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава. Нашиот долг кон предците е да го чествуваме споменот за нив, оддавајќи им должно признание, кон современиците да постапуваме со одговорност кон надлежностите и работните обврски, а кон идните поколенија, како гарантори на нивната сигурна иднина“.
Денот на македонската револуционерна борба не потсетува на истрајноста, храброста и стремежот на генерациите пред сè за слобода, достоинство и сопствена државност, вели собранискиот спикер, Африм Гаши во честитката по повод 23 Октомври. Потенцира оти одбележувањето на празникот е можност да се оддаде почит на историското минато, но и да се потврди заедничката одговорност за градење демократско, стабилно и просперитетно општество.
„Само обединети околу заедничките интереси и со почит кон различностите можеме да создадеме држава во која секој граѓанин ќе се чувствува еднакво, сигурно и почитувано“.
Македонските револуционери ги поставија темелите на борбата за слобода, национално достоинство и право македонскиот народ сам да ја гради својата иднина, слободно да ги чува и негува своите традиции, јазик, култура и национална посебност, достоинствено и рамо до рамо со европските народи, велат во честитката од ВМРО-ДПМНЕ.
„Денешната слобода и македонската државност се обврска што ја носиме пред сите генерации што се бореле, страдале и верувале во Македонија. Наше е да ја градиме државата со чесност, знаење, труд и одговорност, да се стремиме кон правда, демократија и просперитет, да создаваме општество во кое младите ќе имаат причина да останат, да учат, да работат и да ја остваруваат својата иднина во сопствената татковина“.
По повод денешниот празник многубројни делегации им оддадоа почит на основачите на ВМРО. Положија свежи цвеќиња пред нивниот споменик во паркот „Жена-борец“.
Викторија Милевска
