Мицкоски: Важно е да влеземе во ЕУ
Лесно е да се каже – напуштете ги преговорите, но иднината на малите народи е во мудроста, а не во изолацијата. Премиерот Мицкоски со порака за 23 Октомври – европска иднина, но со зачувано национално достоинство. Предупреди на провокации, игри на разни служби и вештачко отворање етнички прашања. Наместо поделби, повика на единство, силни институции и држава во која знаењето ќе вреди повеќе од партиската книшка...

Верувам во европската иднина на нашата земја и во вредноста на Европа во која различните народи се почитуваат меѓусебно. Нашето место таму треба да го градиме со реформи, со знаење, со силни институции и со зачувано национално достоинство. Иако многумина веќе се скептични и уморни од услови, критериуми, билатерални спорови, ќе мора да бидеме мудри. За малите народи, иднината е во мудроста и единството – рече премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод 23 Октомври Денот на македонската револуционерна борба. Лесно е да се каже, „напушти ги преговорите!“, посочи премиерот.
Нема да паднам во замките на разните служби и на провокациите прикажани преку итроманските игри. На неразумните чекори одговарам со разум. Многу важно народот да е високо свесен, да не потпаѓа на разни провокации, да не се наметнуваат вештачки прашања или хиперболизирани етнички теми, порача шефот на Владата.
Слободата добива целосна смисла кога граѓанинот може слободно да зборува, чесно да заработува и спокојно да го планира животот. Кога законот важи еднакво за влијателниот и за обичниот човек. Кога партиската книшка ја губи моќта пред знаењето, трудот и способноста рече Мицкоски. Наш ред е да изградиме држава во која човекот ќе има достоинство, младите ќе имаат надеж, а родителите ќе имаат спокој, заклучи премиерот.
Миле А. Ристески
