Протести - Европа во бран на незадоволства
Тирана гори, Париз се подготвува за нови протести, Виена излегува на улиците, а Италија останува без храна. Европа е во бран на незадоволство – од Албанија до Италија. Владите бараат начин да ја смират ситуацијата, но улиците сè уште зборуваат гласно…

Тирана продолжува да гори со нови судири меѓу полицијата и демонстрантите додека здравствените работници денеска се придружија на протестот, барајќи оставка од Рама. Тој ги обвини групите поврзани со Антифа дека стојат зад десетдневните антивладини протести и повторно понуди дијалог и покрај децидните одбивања од страна на демонстрантите.
„Повторно и повторно поканата за дијалог и подготвеноста за секој што бара и верува во дијалог останува. Курсот на Албанија нема да се промени. Албанија ќе продолжи да се движи напред и ќе го носи знамето на нашите предци до долгоочекуваниот самит. Албанија ќе стане дел од Европската Унија, а силите вклучени во овие големи превирања нема да можат да го спречат тоа“, изјави Еди Рама, премиер на Албанија.
Не стивнуваат тензиите ниту во Франција. Едно лице загина, четворица се повредени во пукање во предградие на Париз пред најавените утрешни протести против скапотијата. Владата распоредува дополнителни сили. Големите музеи во Париз ќе останат затворени.
„За утрешниот ден забележуваме бројни повици за собирање, вклучително и од ултралевичарски движења, со повици за насилство и грабежи. Ќе бидеме бескомпромисни кон вандалите и сите што ќе извршат незаконски дејствија. Утре ќе бидат распоредени 70.000 полицајци и жандарми низ целата земја“, изјави Лоран Нунез, министер за внатрешни работи на Франција.
Во меѓувреме, Макрон е на средба со студентски организации во Елисејската палата – прва од почетокот на протестите.
„Парите се концентрирани во рацете на многу малку луѓе. Ги видов моите студенти – тие не можат да си дозволат да јадат секој ден. Не е можно. Ние сме или не сме во демократија?“, изјави Викторија Амброзини, уметнички критичар и професор од Франција.
Од Париз, незадоволството се префрли и во Виена. Илјадници луѓе маршираа против намалувањето на буџетот на универзитетите.
„Кој штеди на образование, си пука во ногата. Инвестирате во иднината и кога штедите на иднината, тоа ќе ви се врати како бумеранг во одреден момент“, изјави Симон Огрис, австриски студент по архитектура.
Протестите на камионџиите и земјоделците во Италија предизвикаа недостиг од тестенини и свежа храна. Владата најави дополнителни 106 милиони евра помош. Блокадите на Сицилија постепено се повлекуваат, но земјоделците во Калабрија најавија дека протестите продолжуваат.
Бојана Крстевски
