Вонредни парламентарни избори утре во Србија
Граѓаните ќе го избираат новиот состав на Народното собрание. Според конечните податоци на Републичката изборна комисија, право на глас имаат близу шест и пол милиони избирачи.

Во Србија утре, ќе се одржат вонредни парламентарни избори. Граѓаните ќе го избираат новиот состав на Народното собрание. Според конечните податоци на Републичката изборна комисија, право на глас имаат близу шест и пол милиони избирачи. На гласачкото ливче ќе се најдат 18 изборни листи со вкупно 2.418 кандидати за пратеници. Посебно внимание привлекува настапот на „Студентска листа – Студентите победуваат“, која ја поддржува и дел од опозицијата.
Нејзиното учество следува по барањата на студентите во блокада за распишување вонредни избори. Анкетите пред гласањето покажуваат различни односи на силите, поради што исходот останува неизвесен. Покрај резултатот, внимание привлекуваат и условите за гласање: меѓународните набљудувачи и Европската Унија изразија загриженост за безбедноста и правичноста на изборниот процес.
Неделното гласање ќе покаже како поддршката за партиите и за студентското движење ќе се претвори во пратенички мандати и кои политички сили ќе можат да обезбедат мнозинство за избор на нова влада. Новиот парламент ќе има 250 пратеници, а општиот изборен праг за учество во распределбата на мандатите е три проценти.
