МАНУ

„Револуција во кадар“: Ретки и досега необјавени фотографии од македонското револуционерно минато во Галеријата на МАНУ

24.10.2026 18:55

Шеесет оригинални историски фотографии, од кои значителен дел за првпат ќе бидат претставени пред јавноста, ќе бидат изложени на 26 октомври во Галеријата на Македонската академија на науките и уметностите во Скопје.

По повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, во понеделник, 26 октомври 2026 година, со почеток во 19 часот, во Галеријата на МАНУ ќе биде отворена изложбата „Револуција во кадар“, на која ќе биде претставен избор на оригинални фотографии од приватната колекција на Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски.

Изложбата претставува своевидно фотографско патување низ четири децении од македонската историја, од основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година до бурните политички и општествени превирања во меѓувоениот период, заклучно со 1934 година.

Преку оригинални портрети, групни фотографии и ретки визуелни сведоштва, посетителите ќе имаат можност да се сретнат со автентичните ликови на македонските револуционери, војводи, комити, интелектуалци, црковни дејци и жени вклучени во револуционерното движење. Покрај познатите историски личности, поставката открива и низа помалку познати или речиси заборавени учесници во македонската револуционерна историја.

Особената вредност на изложбата произлегува од фактот што значителен дел од фотографиите досега не биле објавувани, а некои од нив за првпат ги откриваат ликовите на личности познати од пишаните историски извори. Станува збор за оригинални фотографски примероци, собирани и истражувани со години, во рамките на еден поширок потфат за пронаоѓање, идентификација и документирање на македонското фотографско наследство, кое денес е расеано низ архиви, библиотеки, антикварници, семејни фондови и приватни колекции во повеќе земји.

Поставката е тематски организирана во три целини. Првата го опфаќа периодот пред и по Илинденското востание, втората ги обработува Балканските војни и Првата светска војна, додека третата го проследува меѓувоениот период до 1934 година, со неговите идеолошки поделби и различни револуционерни струења.

Како што истакнуваат рецензентите на изложбата, проф. д-р Никола Жежов и проф. д-р Теон Џинго, посебно значење има и методолошкиот пристап на авторите, кои не ја следат идеолошката припадност на прикажаните личности. На едно место се претставени револуционери од различни организации, политички определби и струења, со што се овозможува поширок и послоевит поглед кон македонското револуционерно минато.

Рецензентите го нагласуваат и значењето на фотографијата како драгоцен историски извор, кој покрај личностите ги открива и општествените околности, начинот на облекување, воените униформи, амбиентот на македонските градови и села, како и човечките изрази што го доближуваат духот на времето.

„Револуција во кадар“ се надоврзува на претходната изложба „Лицата на револуцијата“, реализирана пред три години, продолжувајќи го истражувачкиот процес на откривање и јавно претставување на реткото македонско фотографско наследство.

Со оваа поставка фотографијата се разгледува пред сè како првостепен историски извор, а не исклучиво како уметничко дело или илустрација на веќе познатите историски наративи. Нејзината вредност е во способноста да документира, да дополнува и понекогаш да отвора нови прашања за минатото.

Отворањето на изложбата ќе се одржи на 26 октомври, во 19 часот, во Галеријата на МАНУ во Скопје. Посетителите на отворањето ќе имаат единствена можност да ги погледнат оригиналните историски фотографии од колекцијата на Ратајкоски и Апостолоски.