Студентски

Обновениот „Стив Наумов“ се соочи со првите проблеми, МОН уверува дека се санираат

24.10.2026 15:45

Неполн месец по целосната обнова на студентскиот дом „Стив Наумов“, опозицијата обвини за промашена реконструкција, власта посочува на неодговорно однесување и изолирани проблеми кои се санираат од изведувачот.

Модерно, уредено, ново и чисто – вака изгледа обновениот дом „Стив Наумов“ во Скопје. Но, само неполн месец откако повторно ги отвори вратите за студентите, на виделина излегоа и првите проблеми, дел од нив предизвикани поради неодговорно однесување на академските граѓани, сместени во него.

„Раководството на домот се соочи со затната канализација поради фрлени влажни марамчиња; активиран алармен систем поради заборавена храна во вклучена микробранова печка во чајна кујна, како и поради запалена цигара во соба; откорнат радијатор; паркирани автомобили на зелени површини во дворот на домот. Сите ситуации се надминати“, велат од МОН.

На забелешките од опозицијата дека се појавила и влага поради протекување вода, како и проблеми со парното греење и топлата вода, од ресорот објаснуваат – станува збор за изолирани ситуации кои изведувачот ги санира зашто објектот е под гаранција. Директорот на студентските домови, Александар Каровски за МТВ вели – условите се одлични, а храната согласно пропишани нутритивни стандарди.

Студентите со кои поразговаравме се задоволни од условите за домување, но признаваат дека објектот треба да се сочува и за идните генерации.

Претходно од опозициската СДСМ обвинија дека реконструкцијата вредна десет милиони евра не издржала ниту еден месец, на што власта одговори дека по години ветувања се обновуваат 9 студентски домови.

Во меѓувреме, „Левица“ најави тужба за министерката Јаневска, со барање за покачување на износот за студентски оброк.

 

 

Борис Грујоски