европа

Протестите против трошоците за живот се шират

24.10.2026 16:09

И оваа сабота, масовни протести во Европа против трошоците за живот. Демонстранти одново излегоа на улиците во Албанија, Франција, Италија, Шпанија. Властите овојпат подготвени и претпазливи. Десетици илјади чувари на редот се распоредени низ градовите каде што изминатиот викенд имаше немири.

Врие во Европа, протестите против трошоците за живот се шират, владите бараат начин за смирување на тензиите. Албанскиот премиер Рама објави дека подготвува одговор на барањата на студентите по повеќе од една недела насилни демонстрации.

„Сите оние што го величаат насилството, сите оние што го поттикнуваат и што вршат насилство, мора да разберат дека исто како што урбаниот терор – теророт врз населението во Албанија, врз бизнисите и врз обичните семејства – беше интензивен, концентриран и долготраен, така и одговорот на државата ќе биде долготраен и упорен“, изјави Еди Рама – премиер на Албанија.

70.000 полицајци, хеликоптери, оклопни возила и водни топови се распоредени низ цела Франција. Полицијата употреби солзавец во Лион.

„Ако не грешам, ограничената зона почнуваше од другата страна, а не овде. Ние едноставно го остварувавме нашето уставно право. Бевме околу 150 луѓе, главно средношколци и студенти“, рече демонстрант.

Во Шпанија пак, среде изборна кампања пензионерите излегоа на улиците против приватизација на пензискиот систем

„Оваа година сме под директна закана од политички сили кои велат дека ќе го приватизираат јавниот пензиски систем, а тоа е нешто што нема да го толерираме“, изјави анкетиран.

„Ги осудуваме оние што сакаат приватизација, но истовремено ги повикуваме сите парламентарни субјекти да преземат мерки за заштита на луѓето – овде и сега“, рече жител.

Полицијата во Италија исто така ги засили контролите со надзор со дронови и дополнителни патроли, особено во Рим и Милано по минатонеделните грабежи и пожари. На улиците се и стотици војници.

 

Маријана Димовска