Возбудата расте пред настапот на Ана
Од родното Драслајца до големата евровизиска сцена во Малта. Тринаесетгодишната Ана Стојаноска вечерва ја претставува Македонија на Детската Евровизија, а во нејзиното село владеат возбуда и гордост. Другарите подготвуваат постери, испраќаат пораки за поддршка и се подготвуваат за заедничко навивање.

Желбата за пеење и музичкиот талент ја однесоа 13-годишната Ана Стојаноска од родното Драслајца до евровизиската сцена, каде што вечерва ја претставува Македонија на Детската Евровизија. Но, додека таа е далеку од дома, во родното село владее возбуда. Нејзините другарки подготвуваат постери, испраќаат пораки за поддршка и се подготвуваат вечерва заедно да навиваат за својата Ана.
За нив, Ана е нивната другарка со која растат, се дружат и пеат, а нејзиниот успех е нивна радост. Велат, без оглед на резултатот, Ана веќе е нивна победничка.
„Се радувам што денеска Ана ќе ја гледаме на настапот на Евровизија. Заедно ќе ѝ дадеме поддршка и ќе навиваме за Ана. Сакаме Ана да победи. Јас и Ана, кога се дружиме, најчесто си пееме. Без разлика дали некој друг ќе победи на Евровизија, Ана е секогаш наша победничка во одделението. Ана е нашата најдобра другарка и нашиот победник. Ние веќе праќаме пораки за нашата Ана и ве замолувам сите да гласаат за неа“, изјави другарка на Ана.
Оние што ја познаваат Ана од детството велат дека пеењето отсекогаш било дел од нејзиното секојдневие, а талентот го покажувала спонтано, во секоја слободна прилика. Денеска, нејзините соништа станаа стварност, а поддршката од родното место ја следи и таму.
„Еве, гледате самите како се подготвуваме за неа и очекуваме голема, голема победа. Ана ја знаеме од мала. Таа го користеше секој момент за да пее, секој час, секое време. Сама си пееше, сама си креираше некои песни уште од мала. Исклучително е музички талентирана.“, изјави Васко Кримовски, пријател на семејството.
Од Дрслајца до евровизиската сцена во Малта – Ана вечерва нема да биде сама. Нејзините другари, децата и соселаните се подготвуваат за заедничко навивање, со една желба – нивната Ана да блесне на големата сцена.
Настапот на Детската Евровизија е вечерва на МРТ 1, со почеток во 21 часот.
Соња Рилковска
