Почна гласањето на вонредните парламентарни избори во Србија
Во Србија се гласа на вонредните парламентарни избори на кои се избираат 250 пратеници. Право на глас имаат повеќе од 6,4 милиони граѓани, а избирачките места ќе бидат отворени до 20 часот.

Во Србија утрово во 7 часот беа отворени избирачките места за вонредните парламентарни избори, на кои се избираат 250 пратеници во Народното собрание. Гласањето ќе трае до 20 часот, а право на глас имаат 6.451.292 граѓани.
Се гласа на вкупно 8.392 избирачки места, од кои 93 се во странство, во 37 држави, а 29 се во казнено-поправни установи. Гласачите од Косово ќе гласаат на 60 избирачки места во Рашка, Тутин, Врање и Куршумлија.
На одделни избирачки места, меѓу кои во Белград, Крагуевац и Ниш, уште пред отворањето се формирале редици од граѓани кои чекале да гласаат.
Изборите ги следат 16.271 набљудувач од 26 домашни и 57 странски организации, меѓу кои 622 странски набљудувачи. Републичката изборна комисија најави редовни прес-конференции во текот на денот, на кои ќе информира за текот на гласањето и излезноста.
