Детска евровизија

Почитување на достоинството на децата, дисциплина што одамна мораше да биде совладана

25.10.2026 11:22

Македонската делегација на Јуниорскиот евросонг реагира на медиумското известување за пласманот на Ана Стојаноска. Посочува дека таа го освоила осмото место според гласовите од публиката, со ист број поени како Франција и Грузија, и апелира за точно и одговорно известување, со особено внимание кон достоинството и чувствата на децата учесници.

Ана Стојаноска го освои осмото место од публиката, со ист број поени од публиката како Франција и Грузија, земји кои, со гласовите од стручното жири, завршија на третото и петтото место во вкупниот пласман. Македонската делегација смета дека овој факт е важен дел од резултатот и заслужува да биде соодветно пренесен во медиумските извештаи.

Со врвна вокална изведба, усогласена кореографија и искрена емоција, Ана и танчарките Каја, Калина и Елена ја раскажаа приказната на „Идната јас“. Зад нивниот настап стојат месеци работа, посветеност и професионален ангажман на целиот тим. Поддршката од публиката и позитивните реакции на фановите се значајна потврда за впечатокот што го оставија.

Останува отворено прашањето за разликата меѓу поддршката од публиката и оценката на стручното жири.

Воедно, апелираме до медиумите да известуваат точно, со целосен контекст и со посебно внимание кон децата учесници. Пред употребата на зборовите „последна“ или „последен“ во насловите, неопходно е да се земат предвид нивната тежина и влијанието врз децата. Пренесувањето на пласманот е дел од новинарската работа, а почитувањето на достоинството на децата е нејзин составен дел и професионална и етичка обврска.

Македонската делегација е горда на Ана, Каја, Калина и Елена и на целиот тим. Нашиот настап заслужува да ѝ биде пренесен на публиката со истата професионалност, посветеност и одговорност со кој беше подготвен.

Македонската делегација на Јуниорскиот евросонг