Судири и апсења на протестите низ Европа
Насилни судири, повредени, приведени и материјална штета – ваков е епилогот од протестите во повеќе европски земји. Во Албанија демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама, додека во Франција, Шпанија, Португалија и Италија граѓаните протестираат против високите трошоци за живот, лошите услови и социјалните проблеми.

Повредени, приведени, материјална штета, ова е епилогот од вчерашните демонстрации во регионот и во Европа. 12 ден од протестот во Тирана со барање за оставка на премиерот Еди Рама, синоќа заврши со судири со полицијата, солзавец, гумени куршуми и водени топови, додека демонстрантите фрлаа камења, молотови коктели и пиротехнички средства. Во немирите опожарени беа и владини објекти.
„Ги поддржуваме студентите до крај. Тие се целосно во право. Еди Рама е навикнат на нашата генерација, но оваа генерација не е иста. Тие мора да се изборат за своите права и да живеат онака како што доликува“, изјави жител.
„Не, не ги поддржувам протестите. Не би требало да има насилни протести никаде во светот. Фрлаат камења – погледнете што направија, ја запалија полициската станица. Протестите треба да служат за поставување барања и водење разговори, а не за изнудување барања преку насилство“, изјави друг.
Во Франција иако собирите беа главно мирни и под надзор од 70.000 полицајци, во Париз, Марсеј и други градови дојде до судири. Полицијата употреби солзавец и водени топови, 1.300 се уапсени. Младите велат, не ги оправдуваат немирите но мора да протестираат.
„Цената на горивото, па и на самиот живот, стана превисока. Мораме да протестираме – за иднината, за нас“, изјави друг.
„Пренатрупани паралелки, стаорци во училниците. Ѕидовите во училниците веќе едвај стојат. Греењето не работи“, рече жител.
Протести против трошоците за живот се одржаа и во Шпанија. Немири избувнаа во центарот на Барселона. Неколку автобуски станици беа оштетени. Пријавени беа и грабежи и оштетување на продавници. Португалската полиција расчисти протестен камп од центарот на Лисабон и Порто во раните утрински часови, уапсени се неколкумина.
„Живееме под фашистички режим. Нападнаа уште многу луѓе далеку од камерите. Имаме седуммина сериозно повредени. Живееме под фашистички режим. Се што сакаме е пристојно домување за сите“, рече демонстрант.
„Бевме нападнати со кучиња и гумени куршуми, а од сите страни сме опкружени со нив“, додаде друг.
Во Италија пак, младите упаднаа во Колосеумот во Рим, други градови беа под блокада, речиси 400 лица се приведени, меѓу кои 110 малолетници.
Маријана Димовска
