Академик Саичиќ: Ви благодарам за довербата, за храброста и што верувавте дека промените се можни
Граѓаните на Србија покажаа дека ниту една сила не е посилна од нивната волја, порача академик Радомир Саичиќ во обраќањето во име на „Студентската листа - Студентите победуваат“, која, според прелиминарните проценки, освоила најмногу гласови на вонредните парламентарни избори и се очекува да има најголем број пратенички мандати во Собранието на Србија.

„Вечерва не станува збор само за изборните резултати, туку за луѓето кои веруваа и продолжија да се борат. Ова е победа над стравот. Ви благодарам за секоја жртва и за секој вложен напор. Оваа победа не е ничиј трофеј, туку победа на граѓаните, а победата носи и одговорност“, изјави Саичиќ, повикувајќи ги граѓаните да не подлегнуваат на провокации.
Тој нагласи дека граѓаните на Србија покажале оти ниту една пречка не е поголема од нивната волја, ниту еден страв не е посилен од нивната храброст и дека ниту една сила не може трајно да го надвладее народот кој одлучил да ја преземе својата судбина во свои раце.
Според Саичиќ, граѓаните во Србија и во странство со своето учество на изборите покажале дека им е важна иднината на земјата.
„Таа волја мора да биде почитувана - без исклучоци, без изговори и без обиди да се прекрои она што граѓаните јасно го порачаа. Прелиминарните резултати покажуваат дека Студентската листа убедливо води на сите избирачки места“, рече Саичиќ.
Тој порача дека победата не треба да биде повод за поделби и тензии, туку за достоинствено и мирно одбележување на изборниот резултат.
„Мораме да останеме достоинствени и мирни. Денес славиме со песна, игра и солзи радосници, славиме без омраза, а утре почнува работата“, истакна академикот.
Саичиќ додаде дека претставниците на Студентската листа не ветуваат дека предизвиците што претстојат ќе бидат лесни, но дека нема да ги заборават граѓаните кои им ја дале довербата.
„Србија не е само земја на картата. Србија се луѓето кои покажаа дека промената е можна. Студентите победија, а со нив и надежта. Ви благодарам за довербата, за храброста и што верувавте дека промената е можна“, порача Саичиќ.
Кандидатот на „Студентската листа“ на вонредните парламентарни избори, Дејан Шошкиќ, ги повика граѓаните да ги зачуваат јавниот ред и мир и им се заблагодари на гласачите за цивилизираното однесување во текот на изборниот процес.
„Студентската листа ги повикува сите граѓани на нашата земја да придонесат за зачувување на мирот и редот на улиците, во градовите и во населените места и на цивилизиран начин да ја прославиме победата“, изјави Шошкиќ на прес-конференција во изборниот штаб на листата.
Тој потсети дека изборниот процес сè уште не е целосно завршен и ги повика членовите на избирачките одбори, како и сите вклучени во спроведувањето на изборите, внимателно да ја следат постапката со гласачките ливчиња и изборниот материјал.
„Потребно е да ја зачуваме победата, односно да ја довршиме законската процедура поврзана со изборите. Им посакувам среќа на сите. Им благодарам на гласачите за цивилизираното однесување во текот на изборниот процес и на сите им посакувам успех и мир во периодот што следува“, порача Шошкиќ.
Од Студентската листа нагласија дека, и покрај прелиминарните проценки за изборна победа, неопходно е да се почитуваат законските процедури до конечната потврда на изборните резултати.
