Претседателските избори во Бугарија одат во втор круг
Претседателските избори во Бугарија ќе имаат втор круг, откако ниту еден од кандидатите не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, а излезноста на гласачите беше исклучително ниска. Според неофицијалните резултати, во вториот круг на 1 ноември ќе се соочат актуелната претседателка Илијана Јотова и поранешниот премиер Андреј Ѓуров.

Според податоците на агенцијата „Алфа рисрч“, Јотова и кандидатот за потпретседател Кирил Валчев освоиле 34,6 отсто од гласовите, додека Ѓуров и неговиот кандидат за потпретседател Георги Кандев добиле 32,7 отсто.
Излезноста изнесувала 22,5 проценти.
Слични резултати објави и агенцијата „Мјара“, според која Јотова освоила 35 отсто, а Ѓуров 31,9 проценти од гласовите, со излезност од 22,2 отсто.
По затворањето на избирачките места, Јотова изрази загриженост поради ниската излезност и им се заблагодари на граѓаните што го искористиле своето избирачко право.
„Илузија е да мислиме дека можеме да промениме нешто во земјата ако не гласаме“, изјави Јотова.
Таа најави продолжување на изборната кампања и поинтензивна комуникација со граѓаните, нагласувајќи дека на Бугарија ѝ е потребно стабилно управување, наместо политички сојузи меѓу партиите.
Нејзиниот противкандидат, Андреј Ѓуров, ја повика Јотова на јавна дебата пред вториот круг.
„На Бугарија ѝ е потребен активен претседател кој ќе ги обединува граѓаните, наместо да ги дели“, порача Ѓуров, повикувајќи на отворена и конструктивна расправа за претседателските овластувања и иднината на земјата.
Вториот круг од претседателските избори е закажан за 1 ноември, кога бугарските граѓани ќе одлучат кој ќе ја предводи државата во следниот мандат.
