Собрание

Интерпелација за министерката Божиновска пред пратениците

26.10.2026 09:38

Од Левица наведуваат дека интерпелацијата се однесува на задолжувањата на државниот енергетски систем и, како што оценуваат, на недостигот од очекувани резултати во изминатиот период, особено во енергетиката.

Пратениците денеска на 128. собраниска седница ќе расправаат за интерпелацијата за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, поднесена од пратениците на Левица. На дневен ред се вкупно 13 точки, меѓу кои и законски измени од областа на јавните набавки, животната средина и медиумските услуги.

Од Левица наведуваат дека интерпелацијата се однесува на задолжувањата на државниот енергетски систем и, како што оценуваат, на недостигот од очекувани резултати во изминатиот период, особено во енергетиката.

На седницата ќе се разгледуваат и предлози за избор и именување членови во Судскиот совет, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Управниот одбор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Пред пратениците се и законски измени во второ читање на Законот за јавните набавки и Законот за животната средина, како и предлог-закон за измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, во прво читање.

На дневен ред е и Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца за 2025 година, со осврт на состојбите со правата на детето и детското престапништво.

Пратениците ќе расправаат и за измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во прво читање.

Последна точка на дневниот ред е предлог-одлуката за изменување на одлуката со која е одобрено продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на државата.