Култура

„Љубовници во пандемија“ – изложба на Јана Манева-Чупоска во Венеција

26.10.2026 20:51

Изложбата „Љубовници во пандемија“ (Pandemic Lovers) е авторски проект во кој личните емоции и искуства се преточуваат во ликовен израз. Преку експресивна линија и комбинирање различни медиуми и техники, Манева-Чупоска ги истражува односите меѓу присуството и отсуството, потребата за блискост и дистанцата што ја наметнуваат кризите на современото живеење.

Македонската визуелна уметност ќе биде претставена во Венеција со изложбата „Љубовници во пандемија“ на проф. д-р Јана Манева-Чупоска, која ќе биде отворена утре во галеријата Venezia Kunst Depot – Arts Space Venice. Преку цртеж и фигуративен израз, авторката ги истражува љубовта, интимноста, сеќавањето и човечката блискост во услови на изолација и општествени кризи.

Изложбата „Љубовници во пандемија“ (Pandemic Lovers) е авторски проект во кој личните емоции и искуства се преточуваат во ликовен израз. Преку експресивна линија и комбинирање различни медиуми и техники, Манева-Чупоска ги истражува односите меѓу присуството и отсуството, потребата за блискост и дистанцата што ја наметнуваат кризите на современото живеење.

Јана Манева-Чупоска е визуелна уметница, дизајнерка и истражувачка, чија работа ги поврзува современата уметност, традиционалната култура и културното наследство. Нејзиното творештво се одликува со фигуративен израз и интерес за интимноста, идентитетот и меморијата.

Покрај уметничката работа, таа има и академски и истражувачки ангажман. Од 2025 година работи како виш научен соработник за традиционални занаети и вештини во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје, а е и претседателка на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).

Проектот е финансиран од Министерството за култура и туризам како национален проект за 2026 година. Во организацијата на изложбата учествувала и македонската уметница Љупка Делева, која живее и работи во Венеција.

Со изложбата во Италија, македонското современо ликовно творештво ќе биде претставено пред меѓународната публика преку теми што ги надминуваат културните граници и ги отвораат прашањата за љубовта, изолацијата и човечката поврзаност.