Македонија

Божиновска ги отфрли обвинувањата во интерпелацијата, ги образложи резултатите

26.10.2026 12:45

Божиновска нагласи дека ја почитува парламентарната контрола, но побара тврдењата во интерпелацијата да бидат поткрепени со докази. Според неа, одговорноста на Министерството мора да се разграничува од надлежностите на Владата, ЕСМ, МЕПСО, Регулаторната комисија за енергетика и другите институции.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, во обраќањето пред Собранието по повод интерпелацијата за нејзината работа, ги отфрли обвинувањата и ги презентираше резултатите на Министерството. Меѓу клучните постигнувања ги посочи новиот Закон за енергетика, развојот на гасните интерконектори, мерките за поддршка на ранливите домаќинства и зголемената наплата од концесиите во рударството. Таа ги повика пратениците да ја оценуваат нејзината одговорност врз основа на законските надлежности и конкретните документи и одлуки.

Божиновска нагласи дека ја почитува парламентарната контрола, но побара тврдењата во интерпелацијата да бидат поткрепени со докази. Според неа, одговорноста на Министерството мора да се разграничува од надлежностите на Владата, ЕСМ, МЕПСО, Регулаторната комисија за енергетика и другите институции.

„Одговорноста не се утврдува со мешање на институциите. Таа се утврдува со закон, документ и конкретна одлука“, истакна министерката.

Во однос на постапката за избор на универзален снабдувач, таа посочи дека постапката започнала во октомври 2023 година, комисијата била формирана во ноември истата година, а аукцијата и владините заклучоци за изборот биле во април 2024 година. Министерството за енергетика, според неа, било основано во јуни 2024 година.

Божиновска ги отфрли и наводите за продажба на ЕСМ, нагласувајќи дека Министерството нема донесено одлука за продажба на компанијата. Во врска со цената на електричната енергија, таа ги разграничи производствениот трошок, продажната цена и регулираната тарифа, посочувајќи дека за тарифните одлуки е надлежна независната Регулаторна комисија за енергетика. Според податоците што ги презентираше, производствениот трошок на ЕСМ е намален од над 130 на околу 100 евра за мегават-час.

Како значаен резултат го издвои новиот Закон за енергетика, за кој во собраниската постапка биле прифатени 64 од 74 поднесени амандмани. Законот, според неа, ги уредува складирањето на енергија, енергетските заедници и поголемото учество на потрошувачите, а на компаниите им обезбедува појасни правила за инвестирање.

Во делот на инфраструктурата, министерката ги посочи интерконекторот со Грција, договорот за поврзување со Србија и пристапувањето кон рамката на Вертикалниот гасен коридор. За интерконекторот со Грција наведе дека по новата тендерска постапка најниската понуда била намалена од 70,3 на 59,95 милиони евра. Меѓу другите проекти ги спомена конечната сертификација на МЕПСО во 2026 година, новиот трансформатор во Битола 2 и продолжувањето на работата на интерконекцијата со Албанија и трафостаницата Охрид.

Божиновска се осврна и на мерките за поддршка на ранливите категории граѓани. Според изнесените податоци, во 2025 година биле издадени 3.750 ваучери во вредност од по 28.000 денари, односно вкупно 105 милиони денари. За 2026 година, како што наведе, биле реализирани 480 електронски ваучери, наменети за домаќинства со лица и деца со попреченост.

Во рударството, министерката ги истакна зголемените концесиски надоместоци и наплатата од концесиите. Според податоците што ги презентираше, вкупната наплата пораснала од околу 561,5 милиони денари во 2024 година на околу 1,222 милијарди денари во 2025 година. Таа посочи и дека биле раскинати 53 концесиски договори поради непочитување на обврските, како и дека инспекцискиот капацитет бил зајакнат со тројца дополнителни инспектори во 2026 година.

Министерката нагласи дека развојот на рударството мора да биде проследен со заштита на животната средина и одговорност на концесионерите. Во таа насока, посочи на предлог-решенијата за финансиско покритие на трошоците поврзани со управувањето со рударскиот отпад и другите законски обврски.

Во завршницата на обраќањето, Божиновска го истакна и резултатот на Министерството во Индексот на активна транспарентност за 2026 година, наведувајќи дека освоило 100 проценти. Таа порача дека ќе продолжи да работи во рамките на своите надлежности и да одговара пред Собранието и граѓаните.

„Функцијата е привремена. Одговорноста кон државата останува. А вистината не се утврдува со бројот на пишани критики, туку со силата на доказите“, заклучи Божиновска.