Сали на средба со чешката амбасадорка Гетцова, во фокус европската интеграција и билатералната соработка
Соговорниците разговарале и за можностите за размена на чешките искуства од пристапниот процес и користењето на европските фондови, како и за проширување на економската, образовната и културната соработка.

Продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Чешка, поддршката за европската интеграција и размената на искуства во спроведувањето на реформите биле во фокусот на средбата на министерот за европски прашања Беким Сали со новоименуваната чешка амбасадорка Ирена Гетцова.
Сали ѝ посакал добредојде на амбасадорката и успех во дипломатската мисија, изразувајќи подготвеност за унапредување на пријателските односи и соработката меѓу двете земји.
На средбата, како што соопшти Министерството за европски прашања, била истакната континуираната чешка поддршка за членството на Северна Македонија во Европската Унија. Сали ја нагласил важноста на партнерството со земјите членки на ЕУ во спроведувањето на реформите и зајакнувањето на институционалните капацитети.
Соговорниците разговарале и за можностите за размена на чешките искуства од пристапниот процес и користењето на европските фондови, како и за проширување на економската, образовната и културната соработка.
Од Министерството посочуваат дека остануваат посветени на продлабочувањето на односите со Чешката Република, со цел унапредување на европската интеграција и остварување конкретни придобивки за граѓаните.
