Нови руски напади

26.10.2026 14:22

Украина и натаму помеѓу војната и мирот. Зеленски не е баш сигурен во намерата на Путин за мировни разговори, од Кремљ појаснуваат, тоа не значи крај на воените дејствија...

На фронтот во Украина продолжуваат борбите. Нови напади во неколку региони. Руското Министерство за одбрана соопшти дека погодиле товарен брод што пловел кон украинското пристаниште Одеса. Од Кремљ велат дека трилатералните преговори не значат дека ќе дојде до прекин на воените дејствија, но прекинот на огнот во Олешки со посредство на првата дама на САД, би можел да го отвори патот за повеќе локални примирја и на други места во Украина.

„За хуманитарни цели, ова апсолутно може да претставува преседан, особено кога станува збор за директната, многу позитивна координативна интервенција во овој процес од страна на американската страна, американските преговарачи и првата дама Меланија Трамп“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Украинскиот претседател потенцира дека изразената подготвеност на рускиот претседател Путин за мировни преговори може да биде „политички трик“ насочен кон избегнување на ескалација на тензиите со Вашингтон пред среднорочните избори во САД. Шефот на Белата Куќа потврди дека САД организираат трилатерални разговори меѓу Киев и Москва.

„Ќе имаме такви наскоро. И мислам дека и двете страни сакаат да постигнат договор“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Украина и европската одбрана, во Париз, тема на состанокот на министрите за одбрана на Франција, Германија, Италија, Полска и Обединетото Кралство.

 

Маријана Димовска