Лична карта и возачка дозвола на мобилен – од четврток електронски паричник
Граѓаните од четврток ќе можат да ги користат личната карта и возачката дозвола преку мобилна апликација. Податоците ќе се споделуваат со еднократен QR-код, а корисниците сами ќе избираат кои информации ќе ги откријат, најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Лична карта и возачка дозвола на мобилен – од четврток почнува да функционира електронскиот паричник. Апликацијата е безбедна, податоците се заштитени – уверува министерот Андоновски. Граѓаните ќе можат сами да изберат кои податоци ќе ги споделуваат при легитимирањето.
„Податоците ќе се споделуваат преку QR-код, кој се генерира за еднократна употреба. Кодот се скенира, а другото лице ги добива податоците само доколку вие го дозволите тоа. По 10 до 15 секунди, QR-кодот истекува и не може повторно да се употреби. Многу внимание посветивме на безбедноста. Ова е почеток, се надевам дека паралелно со развојот на мобилниот паричник, ќе додаваме и нови услуги, можности и документи за граѓаните“, изјави Стефан Андоновски – министер за дигитална трансформација.
Паралелно со јавните услуги, се зголемува интересот на компаниите за дигитализација. Македонија има квалификуван кадар и институции, но процесот бара поддршка. Со европски проекти, експерти им помагаат на компаниите низ обуки и пристап до финансирање.
„Ги повикувам сите заинтересирани компании кои имаат идеја или имаат идентификувано проблеми во работењето, а можеме да помогнеме, да ни се обратат. Услугата ја добиваат бесплатно, средствата се покриваат од Европската комисија и од Владата на Македонија. Тоа се средства во висина од два милиони евра“, изјави проф. Димитар Ташковски од Иноватвно – информатичкиот центар на ФЕИТ.
Безбедноста на дигиталните системи останува клучен предизвик. Откако Државниот завод за ревизија предупреди дека под ризик се податоците на илјадници осигуреници на ПИОМ, министерот Андоновски извештајот го оцени како алармантен. Владина работна група веќе подготвува план за заштита на податоците и зајакнување на безбедноста на системот.
Андријана Ѓурческа
