Собранието ја отфрли интерпелацијата за министерката за енергетика Божиновска
Собранието ја отфрли интерпелацијата за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини. За интерпелацијата што ја поднесоа пратениците на Левица, гласаа 19 пратеници, а 63 беа против...

Собранието ја отфрли интерпелацијата за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини. Пратениците од опозицијата ја обвинија Божиновска за недоволни резултати во енергетиката, за неправилности во извршувањето на функцијата и за доцнење со реформите за интеграција на домашниот енергетски пазар со европскиот. Во расправата беа изнесени и сомнежи за условите под кои се врши откупот на електрична енергија од фотоволтаичните електрани.
Не може политичкото несогласување да се прогласи за незаконитост, a различната визија за енергетиката да се прогласи за кршење на Уставот. Не може обвинувањето да стане факт само зашто сте го напишале во вашата неиздржана интерпелација, возврати министерката Божиновска
Од СДСМ обвинија дека иако беше ветувано, сè уште нема реализација на стратешките проекти „Чебрен и Галиште“. Според ВМРО-ДПМНЕ пак, најголем дел од обвинувањата се однесуваат на институции врз кои Министерството за енергетика нема директни надлежности, како што се ЕСМ, ЕВН и Регулаторната комисија за енергетика
За интерпелацијата што ја поднесоа пратениците на Левица, гласаа 19 пратеници, а 63 беа против.
Марина Стојанова Тонева
