Сиљановска-Давкова: Уставот е општествен договор меѓу граѓаните и државата
По повод 35 години од донесувањето на Уставот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова посочи дека дел од уставните решенија не го положиле тестот на времето, а нејасните одредби и неусогласената правна терминологија оставаат простор за различни толкувања.

Уставот не е само највисок правен акт, туку и најважен општествен договор меѓу граѓаните и државата, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со претставници на Македонското здружение на млади правници, по повод 35-годишнината од донесувањето на Уставот.
Сиљановска-Давкова, која во 1991 година била надворешна членка на Уставната комисија, оцени дека Уставот начелно има позитивни решенија, но укажа и на недостатоци, меѓу кои честите измени, двојната промена на преамбулата и непрецизните одредби што овозможуваат различни интерпретации.
Таа смета дека Уставната комисија треба континуирано да го следи спроведувањето на Уставот, да ги утврдува слабостите на уставноправниот систем и да предлага решенија, вклучително и за односот меѓу македонското и европското право.
Од Македонското здружение на млади правници ја нагласија важноста на уставниот патриотизам и едукацијата за Уставот како темел на правниот поредок и гарант на човековите права и слободи. Посочија и дека при уставните измени Собранието мора да ја почитува процедурата, да ги вклучува експертите и да обезбеди инклузивен процес на одлучување.
Средбата е дел од серијата разговори на младите правници со личности кои учествувале во создавањето, толкувањето и изучувањето на Уставот.
