Поднесени обвиненија за поткуп и злоупотреби при даночните контроли на „Пулс“ и поврзаните фирми
ОЈО Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против шест лица за дејствија на поткуп, злоупотреба на службена положба, оддавање службена тајна и фалсификувањ

Основното јавно обвинителство Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против шест лица за дејствија на поткуп, злоупотреба на службена положба, оддавање службена тајна и фалсификување, во врска со контролите на Управата за јавни приходи во дискотеката „Пулс“ во Кочани и во други поврзани фирми.
Обвинителен акт за кривично дело – Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик е поднесен против двајца даночни контролори, од кои еден е обвинет за две вакви дејствија. Тие од третото лице, обвинето за – Давање поткуп од член 358 од Кривичниот законик, побарале и примиле очила и рачен часовник со цел да го информираат за ненајавени вонредни контроли во фирмите каде тој бил одговорно лице.
Иако биле свесни дека согласно закон не смеат да оддаваат информации кои ги осознале во врска со даночна постапка, првиот обвинет сепак го информирал третиот обвинет преку вибер пораки за дејствијата на УЈП и МВР во врска со наведените фирми, правејќи со тоа и продолжено кривично дело – Оддавање службена тајна од член 360 од Кривичниот законик.
Двајцата даночни контролори се обвинети и за – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, бидејќи при извршена контрола во правниот субјект во кој одговорно лице бил третиот обвинет, на 06.03.2024 година утврдиле даночни неправилности и нерегистриран промет, но во записникот не ја внеле откриената незаконитост. Со ова на буџетот му нанеле шета од 98.400 денари кои останале како ненаплатена глоба кај прекршителот.
Со цел да ги покрие незаконитостите утврдени при контролата, вториот обвинет сторил и кривично дело – Фалсификување службена исправа од член 361 од Кривичниот законик, односно го фалсификувал службениот извештај за контролата.
Против дополнителни четворица даночни контролори и инспектори до Судот е поднесен обвинителен предлог за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување. Од нив, еден е обвинет и за – Фалсификување исправа. Дополнително, една вработена во Државниот пазарен инспекторат сторила дело – Оддавање на службена тајна, откривајќи информации кога акциските контроли ќе се реализираат. Обвинетите контролори и инспектори од УЈП вршеле даночни контроли кај правни субјекти во кои како реален сопственик се јавува шестиот обвинет, татко на лицето претходно обвинето за давање поткуп. Меѓутоа, констатираните неправилности не ги евидентирале и фалсификувале извештаи за извршените надзори. Со тоа на фирмите не им се наплаќале законски предвидените глоби. Во дејствијата на злоупотреба им помогнал и самиот реален сопственик, кој е шести обвинет во случајов.
Кривичната пријава за дејствија на Злоупотреба на службената положба опфаќаше уште четири лица, од кои за 2 е запрена постапката поради застареност, додека за 2 се утврди дека немаат дејствија на наведеното дело или на друго дело кое се гони по службена должност.
