„Матица македонска“

Книгите „Сопатници“ и „Писма од Норвешка“ од Исидора Секулиќ објавени на македонски јазик

27.10.2026 10:43

Двете дела се достапни како одделни книги, во превод од српски јазик на Ана Антоновска. Со нив, македонската публика добива можност да се запознае со раното творештво на авторката што остави значаен белег во српската модерна проза, есеистика и патописна книжевност.

„Сопатници“ и „Писма од Норвешка“ од Исидора Секулиќ се објавени на македонски јазик во издание на „Матица македонска“. Двете дела се достапни како одделни книги, во превод од српски јазик на Ана Антоновска. Со нив, македонската публика добива можност да се запознае со раното творештво на авторката што остави значаен белег во српската модерна проза, есеистика и патописна книжевност.

Секулиќ во 1939 година станала првата жена избрана за членка на Српската кралска академија, а во 1950 година и редовна членка на Српската академија на науките. Писателка, преведувачка и познавачка на повеќе јазици и култури, таа ја поврзува книжевноста со широк интерес за образованието, уметностите и самостојноста на човековата мисла.

„Сопатници“, првпат објавена во 1913 година, содржи шеснаесет прозни текста на границата меѓу расказот, лирскиот запис и есејот. Самотијата, копнежот и потребата за слобода се изразени преку впечатливи сетилни слики и променливиот ритам на реченицата. Со оваа книга Секулиќ го насочува вниманието кон внатрешниот живот и кон искуствата што тешко се сведуваат на едноставно објаснување.

„Писма од Норвешка“, првпат објавена во 1914 година, го проширува патописот кон прашањата на културата и заедничкиот живот. Покрај пределите, авторката ја интересираат училиштата, трудот, солидарноста и пристапот до знаење. Особено интересен е вклучениот текст „Во Норвешка никој не живее зад Божјиот грб“, посветен на грижата културата и образованието да стигнат и до оддалечените места.

Објавени една по друга на почетокот на нејзиниот книжевен пат, двете книги го покажуваат распонот на интересите на Секулиќ: од личната самотија до условите што му овозможуваат на човекот да учествува во животот на заедницата.

Македонските изданија ги пренесуваат целосните дела, со преведувачки белешки, објаснувања и биографски прилози.