Македонија

Ревизија утврди слабости во финансиското работење на Министерството за дигитална трансформација

27.10.2026 10:21

Неправилности во евиденцијата и пописот на имотот, неосигурени средства, недоволно екипирана внатрешна ревизија и пропусти во јавните набавки се дел од состојбите утврдени со ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на Министерството за 2024 година.

Ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на Министерството за дигитална трансформација за 2024 година утврдила повеќе слабости во управувањето со имотот, сметководствената евиденција и спроведувањето на јавните набавки. Во извештајот се дадени седум препораки за надминување на утврдените состојби.

Меѓу констатираните неправилности се неспроведување на редовниот и вонредниот попис согласно законските прописи, неусогласеност на евиденцијата на основните средства со фактичката состојба, како и нецелосна процена и катастарска регистрација на дел од недвижниот имот.

Ревизијата утврдила и дека обврските кон добавувачите не се евидентираат во периодот кога настануваат, имотот на Министерството не е осигуран, а одделението за внатрешна ревизија нема доволно кадар и не спровело ревизии во текот на 2024 година.

Забелешки се нотирани и во дел од досиејата за јавни набавки, во кои недостасуваат докази за обезбедени гаранции, како и за набавки на стоки и услуги за кои не била спроведена постапка за јавна набавка.