„Делови“ – изложба на Марко Угарковиќ во КЦ „Јадро“
Изложбата ќе биде отворена на 1 ноември во 19 часот во Културниот центар „Јадро“ во Скопје, а преку фотографијата ќе го прикаже балетот од поинаква перспектива – зад елеганцијата на движењето, физичката сила, дисциплината и посветеноста на балетските уметници.
Во Културниот центар „Јадро“ во Скопје на 1 ноември ќе биде отворена изложбата „Делови“ на Марко Угарковиќ, дипломиран филмски режисер и етаблиран македонски концертен фотограф.
Преку фотографијата, Угарковиќ го истражува односот меѓу светлината, просторот и телото, создавајќи визуелни композиции во кои се преплетуваат драматичноста и сензуалноста.
Во изложбата „Делови“, неговиот објектив е насочен кон балетот, не само како изведувачка уметност, туку и како дисциплина што бара физичка сила, издржливост, контрола и посветеност. Фотографиите ги откриваат напорот и часовите работа што стојат зад елеганцијата и совршенството на сценското движење.
Секоја фотографија доловува миг во кој движењето е запрено, но неговата енергија продолжува да живее, откривајќи ја границата меѓу возможното и навидум недостижното.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите од 19 часот.
