Првпат во Македонија трансплантиран бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром
На Универзитетската клиника за урологија е извршена трансплантација на бубрег од жив дарител кај дете со ретка наследна генетска болест. Со трите последни трансплантации, вкупниот број вакви интервенции годинава достигна 15, наспроти 11 во текот на целата 2025 година.

Во Македонија за првпат е извршена трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром, ретка наследна генетска болест која го оштетува бубрежното ткиво и може да доведе до бубрежна слабост.
По потребните медицински испитувања била утврдена компатибилност меѓу мајката и детето, а мајката била оценета како соодветен жив дарител.
„Ова е пример за најдоброто во нашето здравство – стручност, тимска работа и човечност. Секој трансплантиран бубрег значи нова шанса за живот“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.
На Универзитетската клиника за урологија неодамна биле извршени уште две трансплантации на бубрег од починат дарител, со што бројот на трансплантации годинава достигна 15. За споредба, во текот на целата 2025 година биле извршени 11 трансплантации.
Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, упати благодарност до семејството за довербата и согласноста случајот да биде јавно споделен, како и до медицинскиот тим вклучен во сложената постапка.
Од Министерството за здравство посочуваат дека случајот покажува оти со соодветна дијагностика, темелна медицинска процена и внимателна подготовка, трансплантацијата може да биде можност и за пациенти со ретки генетски заболувања.
