ОЈО

Обвинение за двајца даночници за откривање контроли во „Пулс“

27.10.2026 11:04

Нови обвиненија за трагедијата во „Пулс, меѓу обвинетите и братот на претседателката на Скопскиот кривичен суд. Се сомничат дека примале очила и часовник за да им дојавуваат на газдите кога МВР и УЈП ќе прават контроли во дискотеката.

Очила и рачен часовник во замена за информација кога ќе се врши ненајавена инспекција. Двајца даночници, меѓу кои и братот на претседателката на скопскиот Кривичен суд, заработија обвинение, бидејќи го известувале газдата на дискотеката „Пулс“ Дејан Јованов кога МВР и УЈП ќе прават контроли. За возврат добивале скапи подароци. Ова го тврди кочанското обвинителство кое на кривична одговорност повикува деветмина и тоа за поткуп, злоупотреби и фалсификување на извештаи. Информациите, според обвинителството се доставувале преку пораки на Вибер, а во една од контролите, година дена пред несреќата, иако бил утврден нерегистриран промет, овој даночен прекршок не бил внесен во записникот, па така на газдата на „Пулс“ спасил 1.600 евра, колку што требал, а не платил – глоба за незаконското работење.

„Иако биле свесни дека согласно закон не смеат да оддаваат информации кои ги осознале во врска со даночна постапка, првиот обвинет сепак го информирал третиот обвинет преку вибер пораки за дејствијата на УЈП и МВР во врска со наведените фирми, правејќи со тоа и продолжено кривично дело – Оддавање службена тајна од член 360 од Кривичниот законик.“-стои во соопштението од Основно јавно обвинителство – Кочани.

Со случајот се опфатени даночни контролори и инспектори, но и вработена во пазарна инспекција, која според обвинението откривала кога ќе се излегува на терен. Со истрагата била прочешлана и документацијата на други фирми, кај кои како реален сопственик се јавува Дејан Јованов. Обвинителството тврди дека неправилностите не биле евидентирани, а извештаите фалсификувани, со што овие фирми избегнале законски казни.

 

Анита Димитријевска - Велковска