Северна Македонија и МОТ ја потпишаа Националната програма за достоинствена работа 2026–2030
Владата на Република Северна Македонија, организациите на работодавачите, синдикатите и Меѓународната организација на трудот (МОТ) ја потпишаа Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026 – 2030

Денес, Владата на Република Северна Македонија, организациите на работодавачите, синдикатите и Меѓународната организација на трудот (МОТ) ја потпишаа Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026 – 2030, потврдувајќи ја својата заедничка заложба за инклузивен економски раст, квалитетни и продуктивни работни места и посилни институции на пазарот на трудот.
„Со потпишувањето на Националната програма за достоинствена работа 2026 – 2030, ја потврдуваме нашата определба за создавање поквалитетни, подобро платени и посигурни работни места. Нашите приоритети се унапредување на работничките права, развој на вештините според потребите на пазарот на трудот, поголемо вклучување на младите и жените и намалување на неформалната економија. Во партнерство со Меѓународната организација на трудот и социјалните партнери, продолжуваме со реформите за подобри услови за работа и посилна економија. Успехот на оваа програма ќе го мериме преку конкретните подобрувања што ќе ги почувствуваат работниците и компаниите, бидејќи нашата цел е достоинствената работа да стане реалност за секој граѓанин, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Изработена преку трипартитни консултации, Програмата обезбедува рамка за соработка меѓу МОТ и нејзините трипартитни конституенти во Северна Македонија. Таа е усогласена со Рамката на Обединетите нации за соработка за одржлив развој (UNSDCF) 2026 – 2030, придонесувајќи кон остварувањето на нејзиниот стратешки приоритет за одржлива економија и достоинствена работа. Програмата, исто така, ги поврзува реформите на пазарот на трудот со пошироката агенда на земјата за одржлив развој и со целите за европска интеграција.
