Економија

Николоски: Извозот е приоритет, ќе бараме решенија за транспортните превозници

27.10.2026 16:30

Владата ќе продолжи да го стимулира извозот и да ги поддржува домашните и странските компании, најави вицепремиерот Александар Николоски на Форумот за глобална трговија и раст 2026. Посочи дека се бараат билатерални решенија со земјите од Шенген-зоната за престојот на транспортните превозници, а Швајцарија веќе подала рака за надминување на проблемот.

Извозот е главен приоритет за домашната економија, а Владата ќе продолжи да го стимулира и поддржува, истакна вицепремиерот Александар Николоски на Форумот за глобална трговија и раст 2026, во организација на Швајцарската комора на Македонија.

Николоски рече дека расте извозот, дека странските компании што веќе инвестирале во земјава ги прошируваат своите активности, а интерес за инвестирање покажуваат и нови компании. Како позитивен тренд го посочи и сè поголемото присуство на домашните компании на странските пазари.

Тој нагласи дека Владата бара билатерални решенија со земјите од Шенген-зоната за прашањето на транспортните превозници, при што Швајцарија веќе покажала подготвеност за соработка.

Според Николоски, инвестициите во патната и железничката инфраструктура на коридорите 8 и 10 се реализираат забрзано, а конкурентните цени на горивата и железничките услуги се важни за поддршка на економијата и извозот.

Тој посочи дека во следниот период предизвик ќе биде да се задржат конкурентните цени, имајќи ги предвид глобалните економски околности.

Како дополнителна област на која треба да се работи, Николоски ја издвои стандардизацијата, со цел да се зголеми конкурентноста на домашните компании на странските пазари.