Успешна трансплантација кај пациент со ретка бубрежна болест
По години медицински испитувања, Гордана Лолеска му даруваше бубрег на својот 25-годишен син, кој боледува од Алпортов синдром. Според лекарите, случајот отвора нови можности за пациентите со ретки болести.

Дека мајчината љубов нема граници доказ е одлуката на Гордана Лолеска да му даде нова шанса за живот на нејзиниот син кој боледува од ретка бубрежна болест- Алпорт синдром.
Откако ги минала сите медицинските испитувања и била утврдена компатибилност меѓу неа и нејзиното дете, пред пет дена двајцата поминаа низ операција во која таа го даруваше нејзиниот бубрег.
Во разговор за Македонската телевизија, вели дека двајцата се чувствуваат добро и закрепнуваат по операцијата, но за да дојде до трансплантацијата биле потребни години истражувања.
„Овој настан е потврда дека современата медицина напредува кога научните сознанија се следат, кога пациентите се слушаат и кога медицинските тимови работат заедно кон иста цел. За заедницата на лицата со ретки болести, ова претставува важна порака: дека и во најсложените медицински ситуации, со индивидуален пристап, стручност и соработка, може да се отворат нови можности. Од срце ви благодариме на сите што со својата професионалност и човечност станавте дел од една животна приказна исполнета со надеж“.
По оваа трансплантација 25-годишнниот син на Лолеска нормално ќе го живее животот и нема да заврши на дијализа, бидејќи ретката болест го оштетува бубрежното ткиво и може да доведе до бубрежна слабост.
За доктор Биљана Кузмановска ова е голем напредок и зрак на надеж за луѓето со ретки болести, бидејќи при одбирање на донорот, лекарите се воделе од најновите светски препораки кои укажуваат дека родител иако е носител на болеста над 40 години, може да биде дарител.
Минатата недела кај двајца пациенти беше трансплантиран бубрег од починат дарител. Со овие три трансплантации, вкупниот број трансплантации на бубрег на Универзитетската клиника за урологија годинава достигна 15, во споредба со 11 трансплантации во текот на цела 2025 година. За трансплантација на бубрег чекаат вкупно 160 пациенти.
Викторија Милевска
