Мозочниот удар сè почесто ги погодува младите, 90% од случаите може да се спречат
Околу 5 илјади мозочни удари годишно се евидентираат во Македонија, а границата на возраста драматично се поместува. Најмладиот пациент со мозочен инфаркт на Клиниката за неврологија има само 16 години, а капацитетите се исполнети со помлади луѓе. По повод Светскиот ден за борба против мозочниот удар, лекарите алармираат дека дури 90 проценти од случаите можат да се спречат со редовни здравствени контроли.

Околу пет илјади мозочни удари годишно се случуваат во Македонија – возраста на пациентите се намалува. Најмладиот пациент со инфаркт на мозокот е 16-годишна пациентка. Капацитетите на Kлиниката за неврологија се исполнети, а неодамна е донесен и 37-годишен пациент со мозочен удар.
Редовната контрола на притисокот, шеќерот и маснотиите во крвта – се клучни во превенцијата. Во центарот на градот се вршеа бесплатни прегледи, некои граѓани се упатени на дополнителни испитувања.
„Не паметам повеќе од 150 да ми бил притисокот, сега ми рекоа дека е 200. А шеќерот е нормален 5.7. Сега ќе одам директно кај матичен, морам“, изјави граѓанин.
„Имам малку висок притисок 150 со 90 затоа дојдов, а редовно одам на контрола. Сега со наглата промена на времето повеќе се чувствува“, рече друг.
„Мозочниот удар стана секојдневие. Добро е да има вакви прегледи почесто, не е еднаш во годината“, изјави друг.
Невролозите предупредуваат дека кај мозочниот удар секоја минута е важна. Ненадејно искривување на едната страна на лицето, слабост на дланките или нарушување на говорот се знаци кои не треба да се игнорираат.
„Колку побрзо дојде пациентот на нашата клиника или во другите установи каде што се третираме ваква патологија толку побрзо пациентот ќе биде спасен и ќе биде ослободен од инвалидитет. Болеста настанува наеднаш, настанува акутно, од полно здравје одеднаш пациентот станува хендикепиран“, изјави д-р Јован Божиновски – директор на Клиника за неврологија.
Кај најголем дел од пациентите болеста може да се превенира. Немоќни сме пред генетскиот фактор, но може да се влијае преку редовни контроли и здрав начин на живот.
Редовната контрола на притисокот, шеќерот и маснотиите во крвта, здравата исхрана и физичката активност се клучни во превенцијата на мозочните удари. Според лекарите, на овој начин можат да се спречат 90 проценти од случаите.
Андријана Ѓурческа
