Маск: Во иднина вештачката интелигенција сама ќе се контролира
Илон Маск смета дека во иднина дури ни најбогатите луѓе нема да можат да ја контролираат вештачката интелигенција. „Мислам дека вештачката интелигенција сама ќе се контролира“, изјави тој.

Маск ги изнесе своите ставови за вештачката интелигенција во интервју со американскиот писател Волтер Ајзаксон.
Тој смета дека во иднина парите ќе го изгубат своето значење.
„Не мислам дека дури ни таканаречените богати луѓе ќе можат да ја контролираат вештачката интелигенција. Мислам дека таа сама ќе се контролира“, изјави Маск.
Според него, луѓето ќе пронајдат начини да бидат среќни преку различни хобија и активности, дури и ако повеќе не мораат да работат.
„Вистината е дека нема да постои ништо што луѓето ќе можат да го прават, а вештачката интелигенција и роботите да не можат да го направат подобро“, истакна тој.
Од друга страна, Маск посочи дека воспоставувањето институција и правила за надзор и регулирање на вештачката интелигенција ќе биде долготраен процес.
Во таа насока, тој предложи компаниите, пред да пуштат во употреба нов модел на вештачка интелигенција, да ги повикаат своите конкуренти да го тестираат системот.
„Мислам дека конкурентските компании би биле искрени едни кон други во вакви ситуации. Ако ни кажат: ‘Успеав да направам нуклеарна бомба со помош на вашата вештачка интелигенција’, ние би одговориле: ‘Подобро е да го поправиме тоа пред да го пуштиме системот во употреба’“, изјави Маск.
