Потпишана Националната програма за достоинствена работа 2026 – 2030
„Целта е јасна, сакаме да бидеме земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот“ – ова го истакна премиерот Мицкоски, на потпишувањето на Националната програма за достоинствена работа, што го опфаќа периодот до 2030 година.

Економијата не се состои само од бројки, статистика и проценки, зад секоја бројка стои човек, зад секоја плата семејство, а зад секое ново работно место надеж за подобар живот – истакна премиерот Мицкоски при потпишувањето на Националната стратегија за достоинствена работа за периодот до 2030 година. Тој вели дека реализирањето на стратегијата е обврска на Владата, работодавачите, синдикатите и институциите кои имаат одговорност за иднината на македонската економија.
Македонија се соочува со ниско учество на пазарот на труд на жените и младите, предупреди Канцеларијата на меѓународната организација на труд за Централната и Источна Европа. Тоа влијае на продуктивноста, демографската промена, иселувањето и деловната конкурентност.
Усогласувањето на трудовото законодавство со европското, зајакнувањето на социјалниот дијалог, работничките права и инспекцискиот надзор се приоритети на Министерството за економија и труд.
Новата програма е продолжување на соработката со Меѓународната организација на трудот на планот на подобрување на работничките права, зголемување на минималната плата и вработувањата.
Александра Велинова
