Охридскиот Катастар најефикасен во Македонија
05.10.2014 16:34
Според резултатите од анкетата „Таен клиент“ која ја спроведува министерството за информатичко општество и администрација, Одделението за катастар на недвижности од Охрид беше оценето како најуспешно во Македонија. Тоа е голем успех ако се знае дека до пред три години ова одделение беше едно од најнеефикасните во земјата...

Прифаќањето на европскиот начин на работење и однесување со странките, воведувањето на електронскиот катастар и реформите на законската регулатива придонесоа охридското Одделение за катастар на недвижности да биде најефикасно во Македонија.
Сепак вработените сеуште ги надминуваат проблемите кои произлегоа од работењето во минатото.
„Во таа насока се спроведува постапка на дигитализација на катастарските планови,која не е сведена само на векторизација,туку и на чистење на сите констатирани грешки создадени од самото воспоставување на катастарот во 1937 година до денес. По завршувањето на тој процес граѓаните ќе го имаат како податок во имотниот лист сето она што го поседуваат“, вели Ана Димитрова-Раководител на Оделение за катастар на недвижности-Охрид.
Одделението сега успева секој извештаен месец да го заврши без ниту еден нерешен предмет,од што секако најзадоволни се граѓаните.
„Генерално сум задоволен. Брзо завршив работа, собрав некои информации за упис на катастар“.
„Сега сум задоволен, а не порано кога жена ми чекаше имотен лист 6 месеци“, велат охриѓани.
Напредокот што се случи во изминатите неколку години не само во ова одделение,туку на ниво на Агенцијата за катастар придонесе нашата земја да биде лидер во оваа сфера на Балканот.
Поради тоа не зачудува посетата на висока делегација на Никарагва која што дојде во Македонија да црпи искуства и да се запознае со придобивките од реализираните реформи.
Сашо Нелоски
