Израелците гласаат на парламентарни избори, неизвесна трката меѓу Нетанјаху и Ајзенкот
Израелците гласаат на избори што можат да ја одредат политичката иднина на Нетанјаху. Во борбата за Кнесетот, негов најсериозен противник е Гади Ајзенкот, поранешен началник на Генералштабот на армијата. Главни теми во кампањата – безбедноста, пропустите пред нападот од Хамас на 7-ми октомври, задолжителната воена служба, но и растечките трошоци за живот.

Граѓаните на Израел излегоа на парламентарни избори, кои се сметаат за важен тест за иднината на земјата, во услови на длабоки политички поделби. Во центарот на изборната трка, прашањето дали Нетанјаху ќе добие нов мандат или власта ќе ја преземе коалиција предводена од поранешниот генерал Ајзенкот.
„Јас сум Бибист. Го поддржувам Нетанјаху уште откако почнав да гласам – веќе повеќе од триесет години, отприлика, и никогаш немам гласано за некој друг освен за Биби Нетанјаху. Сметам дека тој, лично, најдобро ме претставува во целиот свет“, вели еден Израелец.
„Нетанјаху, пред сè, знае како да манипулира и како да остане на власт. Сè додека другата страна, неговите политички ривали, не обезбеди мнозинство и додека постои застој, тој ќе се обидува да предизвика нови избори – уште еден изборен круг, како што имавме во 2019 година“, вели друг.
Ова се први избори во земјата по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Се гласаше и во градот на границата со Газа.
„Се надевам и се молам ова да биде вистински празник на демократијата и нема да дозволиме никој да го расипе или наруши“, рече израелскиот претседател, Исак Херцог.
Израелскиот пропорционален изборен систем подразбира формирање коалициски влади, а политичките сојузи честопати можат да доведат до неочекувани исходи.
„Треба масовно да излезете на избирачките места, не смееме да ја препуштиме оваа битка во рацете на левицата и арапските партии кои сакаат да ѝ стават крај на еврејската држава“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
„Да останеме цврсти во нашата мисија – вечерва да ја замениме најлошата влада од основањето на државата“, порача Гади Ајзенкот, поранешен генерал.
На изборите учествуваат и два блока на арапски партии. Околу една петтина од населението на Израел се Арапи, од кои многумина се идентификуваат како палестински граѓани на Израел. Теоретски, тие би можеле да одиграат одлучувачка улога во формирањето на новата влада, иако, речиси сите водечки еврејски партии ја отфрлија можноста за соработка со нив.
Маријана Димовска
