Власта и опозицијата со меѓусебните обвинувања за српското влијание во земјава
Изборите во Србија, повод за партиски обвинувања кај нас. СДСМ тврди – истрагите против Вучиќ ќе ги покажат и линковите со Македонија и со Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ, пак, потсетува дека токму Заев и Филипче му се поклонувале на Вучиќ кога земале вакцини и го шетале по винарии, за сега да слават изборни победи во други држави.

Опозицијата и власта продолжуваат со меѓусебните обвинувања за српско влијание во земјава, кој и колку бил поврзан со Вучиќ и со Орбан. Според СДСМ, падот на поранешниот српски претседател на изборите ќе отвори истраги кај северниот сосед, што ќе доведат до разврска на сите криминални соработки меѓу српските власти и премиерот Мицкоски. Од Бихаќка обвинија и дека по примерот во Србија, во земјава се прават партии-сателити кои, како што велат, имаат цел да го поделат опозицискиот глас.
СДС го изгуби компасот, веќе не знаат каде тераат. Навреди, закани и ширење говор на омраза е нивното однесување кон јавноста, кон медиумите, кон ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, возвратија од владејачката партија. Наместо да слават победи на други партии во други држави, треба да си го гледаат сопствениот двор, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Промените во Европа почнаа пред 4 години токму од Македонија. Со заминувањето на Заев и Филипче од власта, а потоа и со заминувањето на Димитар Ковачевски, конечно, дојдоа промените, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Милчо Велески
