Македонија

Менталното здравје и психосоцијалните ризици во фокусот на Европската недела за безбедност при работа

28.10.2026 09:32

Унапредувањето на безбедноста и здравјето на работното место, грижата за менталното здравје и превенцијата на психосоцијалните ризици се во фокусот на денешниот настан по повод Европската недела за безбедност и здравје при работа, што ќе се одржи во Скопје. Во рамки на настанот ќе бидат доделени и националните награди за добра практика за 2026 година.

Безбедноста и здравјето на работното место, грижата за менталното здравје и превенцијата на психосоцијалните ризици ќе бидат во фокусот на настанот по повод Европската недела за безбедност и здравје при работа, што денеска ќе се одржи во Скопје.

Настанот го организира Советот за безбедност и здравје при работа, со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ), во рамки на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“, финансиран од Европската Унија.

Целта е да се поттикне поширока дискусија за развојот на културата на превенција, размената на добри практики и можностите за подобрување на условите за работа.

На настанот ќе учествуваат претставници на државните институции, Делегацијата на Европската Унија, МОТ, Европската агенција за безбедност и здравје при работа, како и претставници на работодавачите, синдикатите, компаниите и стручната јавност.

Во воведниот дел се предвидени обраќања на претседателката на Советот за безбедност и здравје при работа, Јасмина Чалоска, како и на претставници на Министерството за економија и труд, Делегацијата на ЕУ, МОТ и Европската агенција за безбедност и здравје при работа.

Во рамки на настанот ќе бидат доделени националните награди за добра практика во безбедноста и здравјето при работа за 2026 година. Предвидени се и презентации на наградените компании, како и панел-дискусија за предизвиците и можностите за унапредување на безбедноста и здравјето при работа.