Култура

Националниот џез оркестар со концерт во чест на 40-годишната кариера на Сашко Николовски

28.10.2026 10:50

Четири децении уметничко творештво на тромбонистот, аранжер и композитор Сашко Николовски ќе бидат одбележани со концерт на Националниот џез оркестар, што ќе се одржи вечерва во Националната опера и балет. Под диригентство на Џијан Емин, публиката ќе слушне авторски композиции и аранжмани на Николовски, како и дела од други македонски автори.

Националниот џез оркестар вечерва со почеток во 20 часот, во Националната опера и балет, ќе одржи концерт посветен на четири децении уметничка кариера на истакнатиот тромбонист, аранжер и композитор Сашко Николовски.

Концертот претставува омаж на творештвото и придонесот на Николовски во македонската музичка култура. Публиката ќе има можност да слушне избор од неговите авторски композиции и аранжмани, како и дела од македонските автори и соработници Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Гордан Спасовски, Џијан Емин и Иван Петровски.

Под диригентската палка на Џијан Емин, концертот ќе ги обедини различните периоди и музички влијанија што ја одбележале четиридецениската кариера на Николовски.

Тој е професионално ангажиран во оркестарот на Националната опера и балет од 1986 година. Во текот на кариерата настапувал со Квартетот тромбони, оркестарот на МРТВ, бендот на Тоше Проески, Гоце Стевковски Септет и Националниот џез оркестар. Меѓу позначајните остварувања е и неговиот прв авторски албум „Not for Sale“.

Како специјални гости на концертот ќе настапат Сашо Гигов-Гиш, Дарко Мучев – Мучо, Стефче Стојковски и Теодор Стојковски – Катин.