МВР

Пријавен недостиг од речиси осум тони сув цвет од медицински канабис во компанија во струмичко

28.10.2026 10:06

При контрола во правно лице за одгледување медицински канабис во селото Борисово, општина Ново Село, бил утврден недостиг од 7.813,49 килограми сув цвет од канабис, за кој немало соодветна документација. СВР Струмица поднесе кривични пријави против фирмата и нејзиниот управител.

Недостиг од 7.813,49 килограми сув цвет од медицински канабис бил утврден при контрола во правно лице за одгледување медицински канабис во селото Борисово, општина Ново Село, соопшти Министерството за внатрешни работи.

СВР Струмица поднело кривични пријави против правното лице и неговиот управител В.К., поради сомнение за сторени кривични дела според член 95-в, ставови 1 и 2 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.

При контролата, спроведена од полициски службеници на СВР Струмица и службени лица од надлежната комисија при Министерството за здравство, во просториите каде што бил складиран сувиот цвет од медицински канабис биле утврдени недостатоци во документацијата за ангажираниот кадар, како и во друга задолжителна документација.

Дополнително, бил констатиран недостиг од 7.813,49 килограми сув цвет од медицински канабис, за која количина правното лице немало соодветна документација и покритие.