За пет дена две убиства во населбата Ѓорче Петров, неофицијално приведени три лица
Ден по вчерашното убиство на повозрасна жена во Ѓорче Петров, полицијата приведе три лица осомничени и за убиството од пред тоа, неофицијално, двете убиства се поврзуваат. МВР најавува детали во текот на денов.

Од МВР сè уште официјално не ги потврдуваат, ниту ги демантираат информациите дека полицијата наводно уапсила три лица, осомничени за двете монструозни убиства во скопската населба Ѓорче Петров.
Вчера, 76-годишна жена, од нејзината ќерка била пронајдена мртва, во сопствениот дом. Телото на пензионерката, која живеела сама, било со тешки и видливи траги од брутално насилство. Обдукцијата треба да ги покаже точните причини за смртта.
За само пет дена, ова беше второ убиство во истото маало. Минатата недела полицијата информираше дека 62-годишен маж исто така бил пронајден мртов со видливи повреди и траги од насилство во својот стан.
Првично, иако нема официјална потврда, полицијата вчера привела едно лице, осомничено за двете убиства и дека бил на распит во полициска станица.
Според одредени сознанија, зад морбидната серија злосторства стојат користољубие и пари. Осомничените сурово ги напаѓале и ги убивале жртвите во нивните домови, а потоа и ги ограбувале.
Од Министерството за внатрешни работи се очекуваат официјалните соопштенија со сите детали за уапсената тричлена група.
Милчо Велески
