Економија

Николоски: Амбициозна инфраструктурна агенда за привлекување нови и задржување на постојните инвеститори

28.10.2026 16:41

Изградбата на автопати, железници и нови експресни патишта треба да создаде поконкурентни услови за странските инвеститори, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на средбата со Германската стопанска комора и Македонско-германското стопанско здружение. Најави дека се очекува учество и на германски компании на тендерот за третата железничка делница кон Бугарија, како и нови патни проекти во источниот дел на земјата.

Инфраструктурните инвестиции се меѓу главните приоритети на Владата, со цел подобрување на поврзаноста на државата, создавање поконкурентни услови за нови странски инвестиции и задржување на постојните инвеститори, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на средбата со претставници на Германската стопанска комора и Македонско-германското стопанско здружение.

Николоски посочи дека значителен дел од капиталните инвестиции од буџетот и од државните претпријатија се насочени кон инфраструктурниот сектор.

„Се обидуваме, онолку колку што можеме, да им помогнеме на странските директни инвеститори да имаат што поповолна деловна клима во државата, но и да мотивираме да дојдат нови“, рече Николоски.

Тој посочи дека се работи на железничкото поврзување во рамки на Коридорот 8, на автопатските делници од коридорите, а најави и нови експресни патишта.

Во однос на железничкото поврзување со Бугарија, Николоски информираше дека е објавен тендерот за третата делница, преку системот за јавни набавки на Европската Унија. Рокот за подготовка на понудите е четири месеци, а очекува на тендерот да учествуваат и германски компании.

Тој посочи дека во рамки на Планот за раст на Европската Унија се работи и на развојот на централниот дел од Коридорот 8. Првата фаза предвидува реконструкција и модернизација на железничката пруга на релацијата Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар, втората ја опфаќа делницата Гостивар – Кичево, а третата предвидува изградба на нова железничка делница од Кичево преку Охрид и Струга до границата со Албанија.

Николоски најави дека во текот на следната година, доколку се обезбеди финансирање, се очекува да започнат и два големи инфраструктурни проекти во источниот дел на државата.

Станува збор за експресните патишта Кочани – Виница – Делчево – граница со Бугарија и Радовиш – Струмица – Ново Село – граница со Бугарија.

Според Николоски, овие проекти треба дополнително да ја подобрат регионалната поврзаност и да отворат нови можности за економски развој и привлекување инвестиции.