Дурмиши: Безбедноста и здравјето при работа се основно право на секој работник
Создавањето безбедна, здрава и достоинствена работна средина е еден од приоритетите на Министерството за економија и труд, истакна министерот Бесар Дурмиши по повод Европската недела за безбедност и здравје при работа. Тој посочи дека покрај физичката заштита на работниците, особено внимание треба да се посвети и на стресот, психосоцијалните ризици и менталното здравје.

Безбедноста и здравјето при работа се основно право на секој работник, а создавањето безбедна, здрава и достоинствена работна средина останува еден од приоритетите на Министерството за економија и труд, истакна министерот Бесар Дурмиши на денешниот настан по повод Европската недела за безбедност и здравје при работа.
На настанот се доделуваат и Националните награди за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа.
„Безбедноста и здравјето при работа не се само законска обврска или исполнување на пропишани стандарди. Тие се основно право на секој работник, прашање на човечко достоинство и заедничка одговорност“, истакна Дурмиши.
Тој нагласи дека целта е секој работник да има безбедни услови за работа, да биде заштитен од ризици и да може здрав и безбеден да се врати дома по завршувањето на работниот ден.
Осврнувајќи се на предизвиците во современата работна средина, министерот посочи дека брзиот технолошки развој, дигитализацијата и новите начини на организација на работата отвораат можности за поголема продуктивност и економски раст, но истовремено носат и нови ризици за работниците.
Особено внимание, според него, треба да се посвети на психосоцијалните ризици, стресот и влијанието на современите работни процеси врз менталното здравје на вработените.
