Македонија

Ѓорѓиевски: Околу 30.000 граѓани се вклучија во еко-акцијата за чистење на Скопје

28.10.2026 14:32

Големата еко-акција за расчистување на Скопје продолжи денеска со учество на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, други градоначалници, млади, волонтери и угостители. Според Ѓорѓиевски, во акцијата се вклучиле околу 30.000 граѓани, а ваквите активности ќе продолжат да се организираат двапати месечно.

Околу 30.000 граѓани се вклучиле во големата еко-акција за расчистување на Скопје, што продолжи денеска со учество на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, други градоначалници, млади, волонтери и угостители.

Ѓорѓиевски им се заблагодари на учесниците за вложениот труд и истакна дека заедничката грижа за јавните простори е важна за создавање почиста и поздрава животна средина.

„Тоа е Скопје во кое верувам. Скопје што се обединува, презема одговорност и со сопствени раце го менува своето секојдневие“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека во денешната акција се приклучиле и угостителите, со што дале придонес во расчистувањето на градот.

Градоначалникот упати апел до граѓаните да не фрлаат отпад на несоодветни места и да го почитуваат трудот на учесниците во акцијата. Најави дека за намерното загадување на Скопје нема да има толеранција.

Според Ѓорѓиевски, еко-акциите ќе продолжат да се спроведуваат двапати месечно, со цел грижата за чистотата на градот да стане секојдневна навика.