Крушевска софра- дел од туристичката понуда на Крушево
Крушевска пита, чомлек, комитска тава, грне и влашка пита која не беше сиромашна како во вицевите. Многу слатки и солени специјалитети беа дел од манигфестацијата крушевска софра, како дел од туристичката понуда на градот. Oд се по малку проба и нашата екипа...

Крушевска пита, чомлек, комитска тава, грне, полнети пиперки, печено месо, тавче гравче, разни макала, баклава, тикварник... па, зарем треба повеќе да се зборува. Оваа слика на вкусната храна верувајте никого, ама баш никого, не остава рамнодушен. Денеска по втор пат се организираше настанот „Крушевска софра“, чија цел е презентација на народната кујна на туристите.
„Нашата кујна се базира на тестенини, сучено, месено. Ова е храна која се подготвувала уште пред 200 или 300 години“, вели Дано Кремчески, професор по готвење.
Специјалитетите ги подготвија крушевските угостители, и учениците од средното угостителско училиште.
„Можам да се пофалам со нашиот специјалитет комитска тава, која се подготвува од царевно брашно, свинско месо и се става и џигер“, истакна Трајче Талески, угостител.
Еден од специјалитетите е и влашка пица, ама не е како од вицевите, навистина многу е богато направена.
„Сите скопјани кога доаѓаат се плашат да ја порачаат од влашка пица, затоа што мислат дека е сиромашна, но таа во моментов е најбогата“, смета Соте Мандилоски, угостител.
Крушевската пита со сирење и праз е еден од најпознатите крушевски специјалитети, верувајте тој што досега ја нема пробано, прва дестинација нека му биде Крушево.
Секако тука е и неизбежниот десерт - локумот.
„Доаѓаат и од Турција да купат од нашиот крушевски локум, исто така специјално доаѓаат и гости од Грција само за да го пробаат локумот“, изјави Мики Чоноски, производител на локум.
Имаше вистинаска борба помеѓу посетителите кој да проба што е можно повеќе јадења.
„Ова е промоција на традиционалната крушевска кујна, на органска храна, промоција на македонското вино, со цел збогатување на туристичката понуда на градот“, рече Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево.
За гостите освен вкусната храна беше подготвена и богата музичка програма.
Дарко Штаргоски
