Десетици жртви и над сто повредени во железничка несреќа јужно од Мадрид
Шпанија е во шок. Над 50-тина луѓе загинаа, а властите стравуваат дека бројот на жртви ќе расте, по тешка железничка несреќа јужно од Мадрид, во близина на Урда. Еден од двата воза удрил во задниот дел од другиот, кој застанал на пругата. Над сто лица се повредени, а спасувачките екипи бараат преживеани. Причините за судирот сè уште се истражуваат. Сообраќајот на линијата Мадрид – Андалузија е прекината.

Шпанија во шок – десетици жртви и над сто повредени во железничка несреќа јужно од Мадрид, во близина на градот Урда, во покраината Толедо. Брз воз удрил во задниот дел од друг воз, кој застанал на пругата. Два вагона излетале од шините – едниот речиси целосно уништен, а остатоците останале расфрлани.
„Беше ужасно. Седев со сопругата и разговаравме, и слушнав силен удар. Возот силно се затресе, предмети летаа на сите страни, а кога погледнав низ прозорецот, видов дека другиот воз е целосно уништен. Луѓето врескаа и плачеа, а многумина беа покриени со крв. Се обидовме да им помогнеме на што е можно повеќе луѓе. Видов многу повредени луѓе. Чувствувам ужас, но истовремено и среќа што преживеав“, изјави патник од возот.
Властите стравуваат дека бројот на жртви ќе расте, додека спасувачките екипи се во потрага на преживеани меѓу остатоците од возовите. Во нив имало над 500 патници, а се претпоставува дека возот на „Ренфе“ удрил во возот на приватниот превозник „Ирјо“, а според првичните информации, можна причина е дефект во безбедносните механизми или човечка грешка поврзана со сигнализацијата. По судирот, сообраќајот на брзата линија Мадрид – Андалузија е во прекин, а владата ги откажа сите јавни настапи, вклучително и изборната кампања.
„Сакам да изразам длабоко жалење поради оваа ужасна трагедија и да им пренесам на семејствата наше сочувство, болка, поддршка и солидарност во овој многу тежок момент“, изјави Кралот Фелипе VI од Шпанија.
„Шокиран сум од сериозната железничка несреќа во Толедо. Службите за итни случаи работат на терен за да им помогнат на настраданите и да ја гарантираат нивната безбедност. Моја солидарност и поддршка за сите жртви и нивните семејства“, објави Педро Санчез, премиер на Шпанија.
Пораки со сочувство пристигнуваат од светот. Брисел понуди помош.
„Комисијата, заедно со Европската агенција за железници, внимателно го следат случајот и се подготвени да им помогнат на шпанските власти“, изјави Паула Пињо, портпарол на Европската комисија.
„Нашите мисли се со сите во Шпанија, погодени од разорната железничка несреќа. Контактирав со премиерот Санчез за да му пренесам сочувство и да понудам каква било поддршка што можеме да ја дадеме“, изјави Енди Бурнам, премиер на Обединетото Кралство.
Станува збор за истата железничка линија на која минатиот јануари, кај Адамуз, се случи трагедија кога животот го загубија 46 лица, а над 170 беа повредени. Новиот судир повторно поставува сериозни прашања за безбедноста на шпанската мрежа на брзи железници. Истрагата е во тек.
Бојана Крстевски
